About

Заштита од загрозувањето на приватноста во Македонија од недемократски и противуставни закони

Повеќе информации на http://bit.ly/cRoKms

Повикот заедно со релевантните документи и списокот на поддржувачи кои ќе искажат поддршка преку Фејсбук и преку е-пошта ќе биде доставен до Собранието на РМ, Владата на РМ, Министерството за транспорт и врски, како и Делегацијата на Европската Комисија во РМ.

Почитувани,

Врз основа на експертската анализа на Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за електронски комуникации од 11 мај 2010 г., мислењата на релевантните заинтересирани страни, особено невладините организации кои се занимаваат со заштита на човековите права, искажани во јавноста, како и на тркалезната маса „Приватноста во Македонија“ која се одржа на 4 јуни 2010 година во Скопје бараме ваквиот предлог на закон да се повлече од собраниска процедура.

Повлекувањето на ваквиот Предлог-закон е неопходно за да се спречи инвазија врз приватноста на граѓаните во Република Македонија. Во продолжение се наведени дел од причините за тоа:

* Со ваквиот Предлог-закон се нарушуваат основните постулати на Уставот на РМ, пред сè член 17, кој ја гарантира неповредливоста на слободата и тајноста на писмата и сите други облици на општење, оти се овозможува отстапување од ова начело без судска одлука, како и член 25 кој гарантира почитување и заштита на приватноста на личниот и семеен живот, на достоинството и угледот.
* Со предлог-законот се прекршува Европската конвенција за човекови права и други меѓународни договори ратификувани од Собранието на РМ.
* Предлог-законот не е усогласен со одредбите од Директивата 2009/136/ЕК на Европскиот парламент и Советот на ЕУ.
* Со предлог-законот неоправдано се проширува основата за следење на комуникациите на граѓаните, наспроти нормите воспоставени со Законот за заштита на лични податоци, Законот за следење на комуникациите и Законот за кривична постапка.
* Со предложените измени се воведуваат низа непрецизни формулации со кои се создаваат законски можности за арбитрарна и неограничена примена на прислушкување и други облици на следење на електронските комуникации, без можност за контрола според принципите на транспарентност и отчетност.
* Со предлог-законот се овозможува МВР да има „постојан и директен пристап“ до електронските комуникациски мрежи и објектите на операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги, како и „услови за самостојно преземање на податоците за сообраќај“, што ќе ја направи Република Македонија една од ретките, а веројатно и единствената земја во светот во која државен орган има такви овластувања, без можности за надворешна контрола.1
* Задолжувањето на операторите „на свој трошок да обезбедат соодветна опрема и интерфејс“ за следење и чување на комуникациите ќе предизвика значителен финансиски трошок врз нивната работа што од една страна може да доведе до зголемување на цената на чинење на нивните комуникациски услуги за корисниците, а од друга страна можност за зголемување на доминантната положба на пазарот на операторите кои имаат значителна пазарна моќ.
* Процесот на изготвување на предлог-измените е спроведен на нетранспарентен и неинклузивен начин, без овозможување на учество на релевантните институции (Делегација на Европска Унија во РМ, Дирекцијата за заштита на личните податоци), како и стручната јавност, приватниот и граѓанскиот сектор.

Иницијатори

* Фондација Метаморфозис
* Транспарентност Македонија
* Фондација Институт Отворено општество – Македонија
* Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија

Доколку ја поддржувате оваа иницијатива, приклучете се на каузава на Фејсбук или испратете порака преку е-пошта до info (at) metamorphosis.org.mk до 10 јуни 2010 година (четврток) во 12 часот, и точно назначете дали се јавувате во име на организација, институција или во лично име.